Книги

МЕСЕЧЕВО ДЕТЕ

Алистер Кроули е плодовит автор, кој напишал само неколку новели во текот на својот живот. Месечево Дете е неговата најпозната. За првпат е објавена во 1917 година. Месечево Дете ѝ се допаѓа на новата генерација на читатели, кои го препознаваат Кроули како еден од најуникатните мислители на својата ера. Книгата расправа за бескрајната битка меѓу Силите на Светлината и Силите на Темнината. Млада девојка е вовлечена во магиска војна меѓу двајца мажи и е принудена да одбира меѓу нив. Со самото расплетување на сторијата читателот е понесен низ неверојатната низа од магиски интриги во кои е вклучена Црната Ложа.

Пишувајќи од свое сопствено искуство, Кроули ги опишува методите и теориите на модерните магиски практики, успевајќи да нѐ убеди дека магиката е научна реалност – и дека таа делува. Кроулиевата лична персоналност ни се открива во карактерите на Добрите Магиски Мајстори.

Насловната страница е придонес од Архивите на О.Т.О.. Таа беше дизајнирана од Бересфорд Иган за изданието на Мандрејк Прес од 1929 година, и е модифицирана за ова издание.

Македонскиот превод на оваа книга за прв пат беше промовиран пред читателската публика на штандот на АЛЕФ во тек на Саемот на Книгата во Скопје кој се одржа од 04 до 10 април 2017 година.

МАГИКА (КНИГА 4)

Алистер Кроули посвети дваесет и пет години во пишувањето и создавањето на четирите дела од оваа книга. Таа е негов magnum opus во која тој систематски ги изнесува мистичните и магиските теории и техники што се поучуваат во неговите магиски редови A∴A∴ и О.Т.О.. Ова богато илустрирано ново издание ги содржи комплетните списи на сите четири дела од Liber ABA (Книга 4) во еден том под заедничкиот наслов Магика. Ова издание ги вклучува Кроулиевите лични дополнувања, корекции и белешки како и дузина обновени пасуси, кои беа пропуштени во првите изданија.

Магика е фундаментален учебник за модерната магика во Новиот Еон. Воедно тука се содржани непроценливи учења за студентите по јога и медитација. Кроули загосподари со јогиските практики за време на неговите проучувања на Истокот, и за нив пишува луцидно без да прибегне кон непрецизниот јазик на мистицизмот.

Почнувајќи со дискусија за универзалното потекло на светските религии во мистично откровение, Магиката потоа ја истражува теоријата и практиката на мистицизмот и магиката во светлото на модерната научна мисла. Кроулиевото лично откровение, Книгата на Законот, потоа се третира како студија на случај, со автобиографска студија на настаните кои доведоа до нејзиниот прием.

Ова издание содржи повеќе од 100 дијаграми и фотографии, како и опширни кросреференци, белешки, речник, библиографија и детален индекс. Исто така, ова ревидирано еднотомно издание содржи ревизии засновани на нови машинописи со поточен текст од сите претходни изданија и вклучува ревидиран наставен план на A∴A∴, нова учебна програма на документи од О.Т.О. и еден важен, претходно необјавен документ на A∴A∴.

Македонскиот превод на оваа книга за прв пат беше промовиран пред читателската публика на штандот на АЛЕФ во тек на Саемот на Книгата во Скопје кој се одржа од 04 до 10 април 2017 година.

КАНОН

Книгата Канон била анонимно објавена во 1897 година и до ден денес потеклото на нејзиниот автор не е доволно разјаснето. Генерално се смета дека нејзин автор е Шкотот Вилијам Стирлинг. Стирлинг до 1897 истражувал и го пишувал делото „Канон, па го објавил анонимно во истата година кај Елкин Метјуз со предговор од Канингем Греам. Книгата била финансирана од рудниот магнат Хенри Хендерсон Дансмур од Гленбрух, Каландер. Речиси 40 години подоцна авторството на Канон му е припишано на Вилијам Стирлинг. Во 1939 Вилијам Х. Дејвис му пишал на главниот библиотекар од Британскиот Музеј дека не е наведено авторството на книгата Канон и дека требало да стои Вилијам Стирлинг, архитект (умрен на 42 год.). Оттогаш наваму неговото име фигурира како автор на делото.

Алфред Дод, бивш мајстор масон, изнесува сосем поинаква сторија за ова дело и за неговиот автор:

„Стандардно објавено дело за масонската кабала е Канон (1897). Во ниедно друго дело не постои вакво меродавно изложување на нумеролошката вештина. Авторството на оваа книга е загатка. Модерниот уредник Џон Мичел развива елаборирана, но целосно неубедлива вообразба – ’За оваа мистериозна личност, Вилијам Стирлинг, чие животно дело е прикажано во оваа книга, ништо биографско не е потврдено, освен дека е масон и дека се самоубил во својот стан во Аделфи, Лондон‘. Всушност не постои таква личност како Братот (Аделфос) ’Вилијам Стирлинг‘. Името е измислица наменета за да го сокрие идентитетот на вистинскиот автор(и). Интересно е што името е намерно смислено како кабалистичка игра на зборови врз онаа од Вилијам Шекспир.“

Книгата Канон е вистински бисер во езотеричната литература и уште при нејзиното издавање добила висока оцена од Вилијам Вин Весткот, угледен масон и основач на редот Златна Зора. Во „Теозофската Ревија, том. xxii, 1898, стр. 85-90), Весткот напишал дека, „ова дело не е за генералната публика; премногу е нејасно и математичко ... а книжевните критичари не можат да напишат логичен приказ на оваа книга“. Весткот напишал многу пофалби за анонимниот автор на делово заради неговата „ерудиција и генијалност“. Истиот восхит кон ова дело го делел и окултистот Алистер Кроули, кој исто така бил член на Златна Зора. Тој го навел Канон во листата на препорачани книги со една концизна напомена: „Канон од Вилијам Стирлинг – најдобар учебник за применета кабала“.

Македонскиот превод на оваа книга за прв пат беше промовиран пред читателската публика на штандот на АЛЕФ во тек на Саемот на Книгата во Скопје кој се одржа од 12 до 18 април 2016 година.

КНИГА НА ЛАГИ

КНИГАТА НА ЛАГИ е духовита, поучна и извонредна збирка на парадокси; а сепак не е философска или мистична расправа. Всушност, нејзините проникливости разведруваат. Познавачите велат дека е „неверојатно идиотска и зачудувачки интелигентна“. Настојувањето Кроулиевите афоризми да се претворат во јасни поими би ја намалило вредноста на книгата. Помудро е читателите сами да ја протолкуваат.

Деведесет и трите поглавја, кои може да бидат еден збор, половина дузина фрази, дваесет параграфи, или дури две страници, имаат теми кои, со помала или поголема сигурност, се одредени според кабалистичкото значење – на пример, Поглавјето 25 дава ревидиран ритуал на Пентаграм.

Коментарите, кои следат по секое поглавје, се подеднакво страшно импресивни. Во книгата суптилно е изразен симболизмот на Слободните Ѕидари како и симболизмот на други традиции. Алистер Кроули не само што бил длабок извор на фундаментално знаење, туку и уште подлабок извор на симболичко знаење.

КНИГАТА НА ЛАГИ најпрво е издадена во 1913 – далеку пред нејзиното време. Ревизијата од 1952 беше значајна затоа што се појави додатен коментар на крајот на секое поглавје.

Македонскиот превод на оваа книга за прв пат беше промовиран пред читателската публика на штандот на АЛЕФ во тек на Саемот на Книгата во Скопје кој се одржа од 08 до 14 април 2014 година.

Tags: